Постојана мисија на Република Северна Македонија при Обединети Нации во Швајцарија

Најнови вести

Министерствата за економија и за земјоделие со свои претставници во економската дипломатија

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи заедно со министерот за економија Крешник Бектеши и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски денеска потпишаа спогодби за испраќање економски советници од Министерството за економија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како дел од поширокиот проект за Економска дипломатија. „Уште на почетокот најавив дека ќе пристапиме со поединечно обликуван, или таканаречен ‘тејлор - мејд’ пристап за различните земји и региони. Во оваа смисла посебно ме радува фактот што проектот за Економска дипломатија фактички го шириме со вклучување на претставниците и од економските ресори, ставени под една дипломатска капа, со што верувам дека ќе обезбедиме најсоодветно економско присуство според спецификите на разните региони и експертизата на различните ресори. Очекувам во наредниот период да обезбедиме услови и за влез во третата фаза, преку која во Економската дипломатија ќе вклучиме и надворешни експерти и докажани професионалци од областа“, истакна Османи, потенцирајќи дека сите упатувања се дел од пилот – проектот за оваа година, од каде се очекува и првичниот инпут за успешноста од целиот процес и неговата целисходност за понатаму. „Очекувам нашите претставници во економската дипломатија да внесат поголема економска димензија во надворешната политика, притоа да ги прошират каналите за интензивирање на трговската размена, на отворање нови пазари за постојните компании, да обезбедат полесен и поинформиран пристап на потенцијалните странски инвеститори и со тоа да обезбедиме услови за уште поинтензивен економски раст“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши. Во сличен тон и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски ги потенцираше огромните потенцијали од унапредувањето на размената за земјоделието, преработувачката индустрија и производството на храна, за што веќе е создадена пристојна бизнис база и во земјата која доколку и се обезбеди соодветен пристап може компетитивно да се натпреварува на светските пазари. Со потпишувањето на меморандумите меѓу ресорите се најавија и првите економски советници од двете министерства кои ќе бидат испратени преку Министерството за надворешни работи. Од Министерството за Економија ќе бидат испратени економски советници во Женева со надлежност за Светската Трговска Организација, потоа во Брисел, со надлежност за земјите на БЕНЕЛУКС; во Генералниот Конзулат во Чикаго, со надлежност за регионот на таканаречните езерски сојузни држави (Илиноис, Мичиген, Висконсин, Индијана, Охајо и Минесота). Од Министерството за земјоделие шумарство и водостопанство ќе биде испратен економски советник во Амбасадата во Рим, со посебна надлежност за организацијата за храна и земјоделие - ФАО, но воедно и со надлежност врз територијата на Италија; додека во подоцнежната фаза, во план е од Земјоделие да бидат испратени економски советници во други места соодветно на специфичните надлежности на овој ресор. Првата група економски советници беа избрани за Варшава, Минхен, Анкара и Абу Даби, а МНР Османи извести дека во тек е и конкурсот во рамките на МНР со кој ќе биде испратен и еден економски советник во Софија.

Министерот Османи ја претстави МКартата, наменета за наши истакнати личности во странство

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес на конференција за новинари го претстави проектот МКАРТА, наменета за поединци со потекло од Република Северна Македонија, како симболично признание за нивниот несебичен ангажман во насока на промоција на државата надвор од нејзините граници. МКартата претставува признание и потврда за истакнати личности или поединци од земјата кои живеат во странство, а кои со својата работа и професионалност покажале истакнат успех, а со тоа и вистинска промоција на Северна Македонија во странство, нагласи Османи. „Како нивна родна земја сакаме да им изразиме благодарност, би рекол на симболичен начин - да им вратиме, да им ја компензираме нивната улога на промотори на земјава, преставувајќи не како земја од која доаѓаат успешни и квалитетни луѓе“,  додаде тој. „Во еден подолг минат период, голем број луѓе не само што ја имаат напуштено земјата, туку и имаат остварен посебен истакната професионален и општествен успех таму каде што се наоѓаат. Тоа се успешни доктори, научници, бизнисмени, културни работници итн., кои сакаме да ги привлечеме кон земјава, да им ја зајакнеме врската и да создадеме потенцијал за нивно поблиско вклучување во нашите општествени текови„, истакна Османи. Идејата е таквите поединци да бидат дел од една поширока мрежа која подлабоко би била вклучена во општествените текови во државата. Целиот процес поврзан со МКартата ќе го координира Министерството за надворешни работи. Со картата ќе се добијат и одредени бенефиции, како слободен влез на културни настани, музеи и галерии, би се добило предност при аплицирање за проекти во рамките на програмите за соработка на Министерството за надворешни работи со поединци и здруженија надвор од Северна Македонија, олеснето регулирање на престој во државата и поддршка во случај на нови бизниси кои се ствараат и слично. Во соработка со други Владини ресори, се работи на проширување на листата на погодности. Планирано е детектирањето на таквите личности да го започнат дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во странство, а доделувањето ќе се реализира во строго предвидена процедура водена во рамките на Министерството за надворешни работи.

Со меѓународен панел „Патот до Преспа форум за дијалог“ најавена големата меѓународна конференција во Охрид

Во клубот на пратениците во Скопје, денеска се одржа меѓународниот панел „Патот до Преспа Форум за Дијалог“, како воведен настан за претстојниот меѓу „Преспа Форум Дијалог“ кој ќе се одржи на 1-2 јули, о.г. во Охрид и Отешево. Домаќин на панелот беше Министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој во оваа прилика ја образложи целта и го презентираше концептот и основната идеја за Преспанскиот форум за дијалог. „Во основата на Преспа Форумот за Дијалог се наоѓа есенцијата на трите Договори по кои Северна Македонија се препознава како уникатен пример во поширокиот регион. Тоа се Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателството со Бугарија, како и Договорот за стратешко партнерство со Грција, познат како Преспанскиот договор. Во нив се препознаваат силни политички принципи и вредности кои имаат универзално значење: пред сѐ храбрите политички чекори во изградба на долгорочни и стабилни компромиси; суштинска примена на инклузивноста во надминување на разликите помеѓу различните групи; меѓусебното почитување, политичкото и дипломатско трпение, и пред сѐ позитивниот пристап во изградбата на пријателствата меѓу соседите во најшироката смисла на зборот.“ истакна Османи. Учесниците изразија поддршка и ја потенцираа важноста на иницијативата за формирање на Форумот. Со своите плодни дискусии тие дадоа нови идеи и предлози кои ќе бидат преставени во заеднички Регионален политички документ, со препораки за политиките во однос на политичкото, економско и социјално влијание на регионалните и билатерални спогодби во Западниот Балкан на претстојната Конференција на Преспанскиот форум за дијалог. На настанот, покрај домаќинот – министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваа и Флоријан Бибер, професор по историја и политика на ЈИЕ на Универзитетот во Грац, Јанис Армаколас од ЕЛИАМЕП, Весела Чернева, Заменик директор на ЕЦФР и раководител на канцеларијата на Европскиот совет за надворешни односи во Софија, Едвард Џозеф, професор на Универзитетот Џон Хопкинс од САД, Гералд Кнаус, Европска иницијатива за стабилност од Берлин, Дамир Марушиќ, Атлантски Совет, Иван Крастев, Центар за либерални стратегии од Софија, Велешка Еш, Апен Институт, Германија, Ерван Фуере, Центар за европски политики. Исто, така, беа присутни бројни претставници на државните институции, странските амбасади во земјата и претставниците на невладиниот сектор во државата. Преспа форум дијалогот преставува државен проект во организација на Министерството за надворешни работи, а под покровителство на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија. Станува збор за Конференција од меѓународен карактер, со импресивна листа на поканети гости, од кои голем број веќе го потврдија своето присуство, при што се очекуваат да дојдат премиери, министри од регионот и земји-членки на ЕУ, високи претставници на ЕУ и САД, но и претставници од останатите меѓународни организации.

Туристички дестинации

Баба Планина, Битола

Охридско езеро, Охрид

Дојранско езеро, Дојран