Постојана мисија на Република Северна Македонија при Обединети Нации во Швајцарија

Најнови вести

Исаки се обрати на Сегментот на високо ниво на Советот за човекови права на Обединетите нации

Заменик министерката за надворешни работи, Фатмире Исаки имаше обраќање на Сегментот на високо ниво на 52та сесија на Советот за човекови права на ОН во Женева. Констатирајќи дека Високиот сегмент се одржува на годишницата на воената агресија на Руската Федерација во  Украина и неприфатливоста за човештвото да се војува во 21-от век, особено заради фактот дека луѓето, односно човековите права и нивната заштита, промоција и унапредување треба да бидат во центарот на вниманието, заменикот министерка Исаки, во своето излагање го потенцираше значењето на Советот за човеки права и се заложи за засилена соработка и координација во рамки на меѓународната заедница,  што особено се манифестира со кандидатурата на Република Северна Македонија за  членство во СЧП за периодот 2025-2027 година. ,,Промоцијата и заштитата на човековите права, мултилатералната соработка и меѓународниот поредок се и ќе продолжат да бидат основа на надворешната политика на Република Северна Македонија и за време на претседавањето со ОБСЕ во 2023 година’’,  истакна Исаки. ,,Не можеме да зборуваме за состојбата со човековите права  без притоа да не изразиме сериозна загриженост поради основните човекови права на украинските граѓани поради воената агресија од Русија, што претставува сериозно кршење на меѓународното право, на Повелбата на ОН, на принципите на ОБСЕ и на меѓународното хуманитарно право, но и злоупотребите на човековите права во другите земји ширум светот што се соочуваат со прекршување на човековите права на дневна основа’’, истакна Исаки во своето обраќање. ЗМНР Исаки,  исто така  учествуваше  на министерскиот настан насловен : ,,Агресија врз Украина: Човекови права и хуманитарниот импакт врз Украинa и пошироко, во организација на МНР на Франција, МНР на Костарика и МНР на Украина, на кој Исаки најостро го осуди воениот напад на Русија врз Украина, што претставува директно прекршување на човековите права и неприфатлив преседан. На маргините на сесијата ЗМНР Исаки имаше средба со ЗМНР на Литванија, Мантас Адоменас, на која беа размените мислења за билатералната и мултилатералата соработка, посебно во делот на кандидатурите, приоритетите на нашето претседавње со ОБСЕ како и за претстојната Конференција за ,,Жените во надворешната политика’’, во организација на ЗМНР Исаки.  Во тој контекст, ЗМНР Исаки имаше состанок со претставниците на невладината организација ,,Меѓународни шампиони за родова еднаквост’’, на кои беа разменети мислења како да се унапреди родовата еднаквост и застапеност во сите сфери на општеството. На сесијата на Високиот сегмент која трае од 27 февруари до 6 март, учествуваат шефови на влади и држави и над стотина министри за надворешни работи, со цел да ја реафирмираат важноста на работата на Советот за човеки права и неговите механизми за справување со предизвиците за уживање на човековите права и слободи глобално.

                                                 Скопје,  3 март 2023

Министерствата за економија и за земјоделие со свои претставници во економската дипломатија

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи заедно со министерот за економија Крешник Бектеши и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски денеска потпишаа спогодби за испраќање економски советници од Министерството за економија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како дел од поширокиот проект за Економска дипломатија. „Уште на почетокот најавив дека ќе пристапиме со поединечно обликуван, или таканаречен ‘тејлор - мејд’ пристап за различните земји и региони. Во оваа смисла посебно ме радува фактот што проектот за Економска дипломатија фактички го шириме со вклучување на претставниците и од економските ресори, ставени под една дипломатска капа, со што верувам дека ќе обезбедиме најсоодветно економско присуство според спецификите на разните региони и експертизата на различните ресори. Очекувам во наредниот период да обезбедиме услови и за влез во третата фаза, преку која во Економската дипломатија ќе вклучиме и надворешни експерти и докажани професионалци од областа“, истакна Османи, потенцирајќи дека сите упатувања се дел од пилот – проектот за оваа година, од каде се очекува и првичниот инпут за успешноста од целиот процес и неговата целисходност за понатаму. „Очекувам нашите претставници во економската дипломатија да внесат поголема економска димензија во надворешната политика, притоа да ги прошират каналите за интензивирање на трговската размена, на отворање нови пазари за постојните компании, да обезбедат полесен и поинформиран пристап на потенцијалните странски инвеститори и со тоа да обезбедиме услови за уште поинтензивен економски раст“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши. Во сличен тон и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски ги потенцираше огромните потенцијали од унапредувањето на размената за земјоделието, преработувачката индустрија и производството на храна, за што веќе е создадена пристојна бизнис база и во земјата која доколку и се обезбеди соодветен пристап може компетитивно да се натпреварува на светските пазари. Со потпишувањето на меморандумите меѓу ресорите се најавија и првите економски советници од двете министерства кои ќе бидат испратени преку Министерството за надворешни работи. Од Министерството за Економија ќе бидат испратени економски советници во Женева со надлежност за Светската Трговска Организација, потоа во Брисел, со надлежност за земјите на БЕНЕЛУКС; во Генералниот Конзулат во Чикаго, со надлежност за регионот на таканаречните езерски сојузни држави (Илиноис, Мичиген, Висконсин, Индијана, Охајо и Минесота). Од Министерството за земјоделие шумарство и водостопанство ќе биде испратен економски советник во Амбасадата во Рим, со посебна надлежност за организацијата за храна и земјоделие - ФАО, но воедно и со надлежност врз територијата на Италија; додека во подоцнежната фаза, во план е од Земјоделие да бидат испратени економски советници во други места соодветно на специфичните надлежности на овој ресор. Првата група економски советници беа избрани за Варшава, Минхен, Анкара и Абу Даби, а МНР Османи извести дека во тек е и конкурсот во рамките на МНР со кој ќе биде испратен и еден економски советник во Софија.

Министерот Османи ја претстави МКартата, наменета за наши истакнати личности во странство

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес на конференција за новинари го претстави проектот МКАРТА, наменета за поединци со потекло од Република Северна Македонија, како симболично признание за нивниот несебичен ангажман во насока на промоција на државата надвор од нејзините граници. МКартата претставува признание и потврда за истакнати личности или поединци од земјата кои живеат во странство, а кои со својата работа и професионалност покажале истакнат успех, а со тоа и вистинска промоција на Северна Македонија во странство, нагласи Османи. „Како нивна родна земја сакаме да им изразиме благодарност, би рекол на симболичен начин - да им вратиме, да им ја компензираме нивната улога на промотори на земјава, преставувајќи не како земја од која доаѓаат успешни и квалитетни луѓе“,  додаде тој. „Во еден подолг минат период, голем број луѓе не само што ја имаат напуштено земјата, туку и имаат остварен посебен истакната професионален и општествен успех таму каде што се наоѓаат. Тоа се успешни доктори, научници, бизнисмени, културни работници итн., кои сакаме да ги привлечеме кон земјава, да им ја зајакнеме врската и да создадеме потенцијал за нивно поблиско вклучување во нашите општествени текови„, истакна Османи. Идејата е таквите поединци да бидат дел од една поширока мрежа која подлабоко би била вклучена во општествените текови во државата. Целиот процес поврзан со МКартата ќе го координира Министерството за надворешни работи. Со картата ќе се добијат и одредени бенефиции, како слободен влез на културни настани, музеи и галерии, би се добило предност при аплицирање за проекти во рамките на програмите за соработка на Министерството за надворешни работи со поединци и здруженија надвор од Северна Македонија, олеснето регулирање на престој во државата и поддршка во случај на нови бизниси кои се ствараат и слично. Во соработка со други Владини ресори, се работи на проширување на листата на погодности. Планирано е детектирањето на таквите личности да го започнат дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во странство, а доделувањето ќе се реализира во строго предвидена процедура водена во рамките на Министерството за надворешни работи.

Туристички дестинации

Кањон Матка, Скопје

Крушево

Широк Сокак, Битола